Lepota reci i govora - upoznajmo makedonski jezik Umetnost

Средба

Појдов

по патеката на ливада росна
со зелена трева созреана
столетно дрво в прегратка да стиснам

и листови растреперени
со поглед да милувам

појдов

благ мирис на црница зрела
во срце да почувствувам

и запеав
тивки ноти лелеави
по малку таговни

милост в ранета ти душа да внесам
тебе, стебло заборавено
од кое детска приспивна песна
со години не извира

и ја бакнав земјата под тебе
каде боси детски нозе
танц на детството одамна играа

дојдов

со капки вода и ред солзи
корен твој да залијам
да не пресушиш
вечно младо во срце да останеш

а твојата дебела сенка
на следно видување
насмевка да дарува.

О.Станковска

http://www.odlican.com/d/15639-2/785.jpg
www.odlican.com/cesko

niko650

Moderator

Скали

На последниот кат од високата кула
која чиниш со покривот небото го пара,
живее виолинист, професор по математика
и една баба стара.
И во таа куќа има долги скали
кои некои ги мрази, а некој ги фали.
Виолинистот секогаш ги минува со трчање,
одоздола догоре и потпевнува:
„ Ох, што красни ноти, сол – фа – ми – ре – до – ре!“
Професорот по математика, замислено ги мрази
и во себе секогаш пребројува, смета:
„Со овие чекори што по нив вечно ги правам
би можел да стасам на некоја планета!“
Бабата на секој свиок ќе запре,
ќе испавта по својата испотена кожа и ќе рече:
„Скаливе од ден на ден ми се чини како да растат
и како да се множат!“
Преку ноќ никој не минува по скалите,
само светилката над нив запалена стои.
И за да мине што полесно дежурството,
безброј пати во себе потајно ги брои.

http://imageshack.us/a/img822/9624/skalila.jpg

Јован Стрезовски

niko650

Moderator

Чие е она девојче

Чие е она девојче,
што рано рани на вода,
со две стомни шарени?
Удрило фефче над око,
сошило алтан на чело,
тргнало долу под село,
убава песна пеало.
Под село има ливаѓе,
в ливаѓе има бел шатор,
под шатор седат терзии.
Пред шатор дошла девојка
и на терзии зборува:
терзии, назли, назрлии,
колку ми пари сакате
фстанот да ми шиете,
без ножици да го кроите,
без игла да го шиете?
Ој ти девојче калешо!
Ти да ми месиш погача,
без вода да ја измесиш,
на гради да ја испечиш,
за ручек да ја донесеш,
фстанот ти да си земеш!

http://www.odlican.com/d/11937-2/100_9121.jpg
Народна песна

niko650

Moderator

Упит...(запишанo во миг) - Евгенија Андова

Не е се вечно на овој свет. Се тече, се се менува. Единствено вечни се миговите длабоко врежани, кои остануваат да скажуваат од времето зад нас, во иднината пред нас.

...УПИТ...(запишано во миг)

СОЛУДА МИСЛА...

Со опул на ослепени очи,осолзени,
од огнената сила на ден што заоѓа
за миг ме сопнува во итање...
кон утро во сонце избањато да видам,
раѓање на ден зачнат во сон...
Солуда мисла,со поглед кон небо...
ги барам оние кои ме сакаа...
кои од животот миговно ме напуштија...
упит праќам со љубопитност...
вечноста ,посакувам да ја поделам...
Дал поглед од небо спуштате,
како спомени именувани...
од очи, капки дождовни ...
со радост да ме оросат...
ил сожални солзи,за утеха...?
Кога денот заоѓа...со огнена сила,
на пурпурно небо, одговор пишува...
наново мечта да се роди...
заедно да бидам со Вас...
како птица во јато свое...
како ѕвезда во соѕвездие далечно,
како далга во свемир море,
ил цвет во рајска градина...

http://farm4.staticflickr.com/3234/2735508065_2350022a93.jpg
Violet and red by teroti, on Flickr

Евгенија Андова

niko650

Moderator

Двајца другари

Си биле двајца верни другари, кои живееле посложно и од браќа. Но, многумина им завидувале на убавата разбирачка што си ја имале меѓу себе, па сакале да им го растурат другарството и да ги скараат. Најпосле кај царот го наклеветиле едниот од нив, божем нешто лошо зборувал за него.

Царот го затворил човекот и решил по неколку дена да го погуби.

Но, на неколку дена пред погубувањето, дошол неговиот другар кај царот и го замолил да го ослободи затвореникот барем три дена, за да биде со семејството. А тој самиот ќе остане в затвор наместо него. Дури и да го погубат, ако не се појави другар му по три дена.

Царот се зачудил, но не рекол ништо. Го ослободил затвореникот, а на негово место го затворил другарот. Сакал да види колку навистина е големо нивното другарство.

И навистина, по три дена осуденикот се појавил пред царот, за да го погубат и да го ослободат неговиот другар.

Царот, кога го видел ова чудо, ги ослободил и двајцата и ги замолил и него да го земат за другар штом е толку силно и верно нивното другарство.

Другарите така и сторија, а сите што видоа и беа чуле рекоа:

Правдина планина турка!

Македонска народна приказна

http://www.odlican.com/d/6722-4/0256.jpg
www.odlican.com/niko650

niko650

Moderator

Плата според работата

Си бил еден многу умен човек. Тој имал три измеќари. Едниот земал двесте гроша годишно, другиот петстотини, а третиот илјада. Тие се карале помеѓу себе:

- Зошто ти да земеш илјада гроша и ти си човек и јас сум човек.

Тој што земал двесте гроша и тој велел:

Ами, јас зошто да земам двесте, делми и јас сум човек како вас!

Мајсторот ги слушал како се караат и го повикал слугата што земал двесте гроша:

- Донеси една пенушка!

Слугата донел пенушка, ја однел кај мајсторот и прашал:

- Каде да ја кладам?

- Остај ја сега таму и постој малку тука - рекол мајсторот.

Го повикал другиот слуга и нему му заповедал да донесе една пенушка.

Тој отишол, донел една пенушка и ја клал на страна. И нему мајсторот му рекол да постои малку.

Тогаш му рекол на третиот слуга, кој земал илјада грошои, да донесе пенушка.

Тој зел пенушка, ја донел во одајата каде биле гостите, ја наместил пенушката право на огинот каде требало. Потоа видел оти биле за секнување фитилите на свеќите, ги потсекол да може поубаво свеќата да свети.

- Е, им рече мајсторот - вие постојано се карате зошто едниот земал повеќе од другиот.

- Видовте ли сега кој за колку чини?

Македонска народна приказна

http://www.odlican.com/d/12355-3/101_2930.jpg

Се според заслуга.

niko650

Moderator

Житието на далгите

Својот корен, возбудена далго,
го знаат само длабините од морската метафора.
Твоето стебло е кула од воздишки,
твојот недооден пат, моја елегија, нескротена далго.

И пат недоодуваш
и сон незасонуваш
и пристан немаш.

А севезден, час осамено, час во галоп,
час бунтовно, час во лирски занес
бродиш неспокојна далго ко мојот залутан кораб
и не ми ја раскажуваш биографијата на твоите плими,
притајум,
да не ти ги откријам пораките на древното житие
за кое само јас и ти заспиваме во опојно пладне,
на пат недооден,
во сон незасонет,
на брег небрегуван.

Само твојот корен, возбудена далго
нечујно ги плоди подводните созвездија
и скришум
ги буди тешките мори заспани во Билјанините очи
низ омарнини, отспротива на овој брег.

„Небесна утока“ – Мито Спасовски

http://www.odlican.com/d/11760-2/105.JPG
www.odlican.com/niko650

niko650

Moderator

Разговор со себе

Ти можеш - ми рече,
подај ја само раката
и ќе го дофатиш далечното.

Ако не успеам?
Што ако раката
не можам да ја помрднам!

Твојата рака
ќе стигне до недогледното
ќе го зграпчи и помилува,
а нему ќе му биде жал
да ти ја пушти раката.

Од каде толку верба во мене?
Едноставно ти верувам!

Ме удостојуваш со венец
исплетен од најубави зборови
нанижани бисери на мојот врат.

За тоа сама се избори
ми рече со нежен глас,
бисерите нека те милуваат.

Посакувам да имаме време
разговорот да го продолжиме.

Имаш - времето го имаш,
а јас сум тука.

Посегни со раката
ќе ме допреш,
застани пред огледалото,
ликот ќе ми го видиш.

„ Осоговски восклици“ Станка Ивановска,
Крива Паланка, 2000 год.

http://www.odlican.com/d/8782-7/101_3413.jpg

niko650

Moderator

Кога денот тешко дише

Зошто да се страда кога кога сал се љуби?
Стареење бедно низ нечии дена...
Зошто доцна радост сјајот не го губи
сред надеж на кротка, безимена жена?

Зошто нејно чело в роса да се мие?
Дали веќе стварно, не остана ништо?
Зошто страстен порив в желби да се крие,
а се љуби силно, се исто и чисто?

Дали ова тивкост утеха што нуди
вистинска е солза по она што мине?
Дали стара рана повторно се буди
и нечија душа ја сече, ја кине?

Зошто молкот,налик пајажина стара,
а низ неа ползи едно светло око?
Дали тоа и јас, со песнава, барам
да допрам спомен в некого, длабоко?..

Павлина Климкар Меанџиева

Извадок од стихозбирката „Кралица на гревот"

...Клеветена, а закитена со бисер бел
ти срце си, бина, со завеси од свила!
Со која напивка да спознаам вечност
летајќи невино со неуморни крилја...

Од стихозбирката „Кралица на гревот"
Павлина К.Меанџиева

Павлина Климкар Меанџиева е родена 1949 год, во Велес. Завршува педагошка гимназија „Никола Карев" и Филолошки факултет во Скопје. Работеше како професор во ССОУ „Коле Неделковски" во Велес, а сега е професор во пензија.

Автор е на стихозбирките:

      „Тивнеења" (1976)
      „Неразделности" (1978)
      „Ораница" (1983)
      „Тишина што се слуша" (1991)
      „Кралица на гревот" (1991)
      „Бршлен" (1992)
      „Жежок ветер" (1993)
      „Голтач на огнови" (1994)
      „Од дневникот при изгорување" (1995)
      „Кралицата на гревот" второ проширено издание (1996)
      „Македонска вертикала (1997)
      „Уста полна светлина" (1997)
      „Цунами" (1999)
      „Чудна случка (сликовница 1999)
      „Најазмо" (2001)
      „- Vasiloanjea -- a marrtiiljei (љубовна поезија преведена на влашки јазик 2002)
      „Дијадема" (2003)
      „Во меѓувреме" (2005)
      „Звездени патеки" ( 2005)
      „Школки" (2007)
      „Одблесоци" (2009)

Дел од нејзиното творештво е преведено на српски и албански јазик.

Како автор е застапена во повеќе антологии. Неколку децении е член на Друштвото на писатели на Македонија, како и на градскиот литературен клуб „Кочо Рацин".

Нејзината поетска дејност започнува во училишните денови. Тогаш по пат на конкурс ја добива наградата за патување во Индија, по повод роденденот на Нехру. Оттогаш, често пати е наградувана како поет, а неколку пати освојува прво, второ и трето место за најдобра стихозбирка од здружението на просветни работници на Македонија, како и други литературни награди.

Добитник е на „Деветоноемвриската плакета" - од општина Велес, како и наградата за животно дело „Гемиџии" - признание од родниот град Велес, во кој и ден денес живее, работи и твори.

Стихозбирката „Најазмо" беше прогласена за најдобро дело за 2012 година, на средбата на просветни работници -- писатели.

niko650

Moderator

Последниот чај од Винка Саздова

За сите оние кои сакаат да ја стоплат својата душа, можат да го сторат тоа со „Последниот чај“ прекрасно издание на македонската поетеса Винка Саздова.

Сите патишта се еден пат, патот на љубовта – вели Саздова.

http://www.odlican.com/d/12829-2/posledniotcaj.jpg

... Во еден пресвртен миг од мојот живот, обидувајќи се да расчистам со минатото, го уништив дневникот од Индија. Всушност, ако добро подразмислам, тогаш уништив многу нешта. Писменца, прибелешки, безброј мигови заробени во зборови, во празнина меѓу зборови. Да, убаво се сеќавам дека опседната од новиот живот што се раѓаше пред мене, бев решена да расчистам со спомените. Си реков – “Ајде, гледај напред. Од спомени не се живее. Отпушти го, ослободи се од сиот товар од минатото и за сопствениот живот”.

Многу подоцна сватив, дека ослободувајќи се од товарот на спомените, го уништив и најдрагоцениот дел од себе. Ја фрлив во заборав мојата потрага по вистинското јас, се откажав од моите соништа, копнежи, доаѓања и заминувања. Всушност, воопшто немаше да се присетам дека сум го уништила дневникот од моето најдалечно духовно патување, ако многу години подоцна, со денови претурајќи во една иста фиока, не сватив оти го нема.Ги нема пораките од саканите, ниту трагите од солзи разлеани врз напишаното.

- „ Не е можно, вели еден дел во мене“ - оној што секогаш се надева и верува во чуда и среќни краеви.

- „Можно е, вели другата јас“. Онаа зајадливата, иронична нихилистка.

Уште додава со возгордеаност:

- „Не преправај се дека не се сеќаваш оти го фрли во кантата. Знам добро дека Индија не ти беше светла точка во животот“!

И додека двете се расправаат, претурам по цела куќа. Одново и одново барам. Не се предавам. Се надевам...

Значи, не требало да го има, си велам неколку дена подоцна, кога ми стивнува очајот и надежта. Се си има зошто. Ако го најдеше дневникот, ќе го прочиташе и толку. Пак ќе го заклучеше во фиоката. А вака, еве можност, тој свет одново да го оживееш низ себе. Пушти ги сеќавањата како јато ластовици нека излетаат на пролетниот ветар. Се што било, одново ќе биде. Изгубено е само она што веќе не живее во нашите спомени...

И тогаш кога решив да ја зборавам, мојата Индија почна да извира од мене. Како непоканети гости почнаат да доаѓаат глетки, звуци, мириси. Цела една приказна, за која не бев сосема сигурна дека тогаш и токму така и се случила. Дали навистина се случи тоа? Не знам, но знам дека е повистинито од вистината. Од животот, од смртта. Од љубовта. Смртта!? Ах, да! Заминав да се соочам со неа. Да ја засакам, како што би го засакала таинствениот љубовник во ноќта. Тивко, бесшумно, безимено. И прифаќајки ја неа, го возљубив животот...

Во оваа нига, со мал дел автобиографски моменти, поетесата длабоко понира во чувствата, говори за емоциите, стравовите за кои ретко кои се одлучува да проговори.

Читателите се фасцинирани од нејзината отвореност и книгата ја доживуваат како лекција од која може да се научи дека сите ние ги носиме истите нешта во себе – потребата за љубов, за блискост. Исти се и стравовите кои ги носиме, особено стравот од смртта. Затоа таа вели – зошто да не зборуваме за тоа, зошто сето тоа би го криеле во себе?

„Последниот чај“ всушност ги отвара нашите приказни. Не охрабрува да се соочиме со нив и да ги прифатиме тoкму такви какви што се, убави или грди, сеедно.

niko650

Moderator

Во тишината

Ако планински венци се твоите моќни дела Господе,
кога недопирливото во допирливо преминува,
неостварливото во остварливо,

врвови нивни под зраци од сонце опсипани
зборовите се твои,
кои несебично во дланки ми ги даруваш
со секое твое воскресение, кога мој учител си

и кога полека ми велиш:

Не гледај со очи на души без душа останати,
не плети ја кармата со толку стегнат бод
ред солзи, ред болки
да неможе да се расплете,
чвор до чвор,

пронижи ленти црвени од среќни мигови
угоре,удолу, од лево на десно...

Не прети на судба
која ни болка, ни радост не разбира
таа в пазуви ги носи
и сее по патот на иднината,

следи ја тивко и со бакнежи милувај ја.

Не зборувај зборови залудни,
тие се залци лебче, храна што души храни,
не препелкај валкани мисли
од итар ум и поган јазик на ѓавол пренесени,

остани во тишината каде молкот силна моќ има,
послушај го гласот кој само таму умее да проговори
и препознај го патот на среќата...

А, јас
зборови ко сув сунгер впивам,
во грч нокти в дланка ти заривам,
а од очи ми молба извира:

Не кори ме Господе што цврсто за дланка те стегам,
не вели дотука -
јас крај не гледам!

О.С.

http://www.odlican.com/d/12855-2/roza.jpg

niko650

Moderator

Биди надеж

Не биди страв,

капка заталкана
во водата на вистината
која дното го допрела,

изрони од длабочината

и не греби ја скрамата
на зидот од казанот зафатена,

не слушај тап звук
на клокот и вриеж од солудни мисли во него,
тие те мамат
и од гради ранет звер изнедруваат,

биди надеж

отклучи ковчеже в гради што лежи
со клучот в дланки цврсто стегнат,
вади сонови недосонувани
со години зид зидани,
издувај ја прашината на нив напластена

и не биди зајак ако зрно од неа в око заталка,

солза од душа изнуди
да биде капка вода во морето на тишината
која од длабочината изронува,
да се напои душа на брегот заталкана

биди лек за неа
таа лек за тебе.

http://www.odlican.com/d/7634-5/101_1624.jpg

О.Станковска

niko650

Moderator